Богатата биолошка развовидност е главна одлика на нашата држава. Различниот број на релјефи и пејсажи создал можност за развој на многубројни екосистеми и живеалишта што преставуваат дом на голем број видови на животни. За жал, модерниот начин на живот ни нуди мала можност ние да го пратиме и набљудуваме фасцинантиот живот на животните. Многу делови од нивното живеење, ни остануваат тајна, но еве некои работи за кои знаеме.

Tajniot zivot na zivotnite 1Црновратиот нуркач е редовен жител на македонските езера. Еден пар секоја година прави 1-2 легла од по 3-4 пилиња. Откако младите ќе се испилат од јајцата, веднаш го напуштаат гнездото со тоа што се качуваат на грбот на родителите и седат таму се додека не се оспособат да пливаат самостојно. Иако пливањето е обично полесно од летање, родителите се постојано поред нив охрабрувајќи ги додека ја совладуваат новата техника.

Tajniot zivot na zivotnite 2Црновратите нуркачи се исклучително грижливи родители. По испилувањето на младите од јајцата, родителите ниту за момент не се одвојуваат од нив. Откако младите ќе научат самостојно да пливаат, следната лекција е што може да се јаде, а што не. Овие птици имаат широка лепеза на исхрана која вклучува: ракчиња, инсекти, мекотели, полноглавци, жаби и мали риби. Ловат со тоа што нуркаат во водата понекогаш и до 30 секунди. Младите птици имаат брз метаболизам и голем апетит, што ја прави родителската задача ни малку лесна.

Tajniot zivot na zivotnite 1Малата бела чапја е вид водна птица која е широко распространета и е чест посетител на речиси сите низински водни живеалишта во Македонија. Нивните тенки и високи нозе им овозможуваат лесно да се движат по плитките крајбрежни води во потрага по храна, а нивниот долг клун е одлична алатка за фаќање на секаков вид плен кој ќе им се најде на патот; риби, жаби, црви, змии, инсекти, па дури и мали цицачи се редовен дел од нивната диета.

Tajniot zivot na zivotnite 1Навидум на сликава не се случува ништо посебно. Две водни желки кои се сончаат на паднато дрво. Сепак, се работи за уште еден проблем настанат поради човековото влијание. Блатната желка (десно) е вид на водна желка со ограничено распространување во Македонија, а воедно и прогласена како „ранлива“ според Националната црвена листа за влекачи и водоземци. Од друга страна, црвеноушестата желка (лево) е инвазивен вид кој природно се среќава долж реката Мисисипи и Мексичкиот залив, а истовремено е и најпопуларниот вид на аквариумска желка кој е достапен во речиси секоја продавница за миленици. Несовесното пуштање на овие желки во природата доведе да се оформи подивена популација која полека, но сигурно почнува да се распространува. Сличната екологија и животните потреби на овие два вида придонесува до дополнителен стрес и притисок врз популацијата на веќе ретката и ранлива блатна желка. Како ќе се распространува црвеноушестата желка и до кој степен ќе влијае тоа врз дивиот свет кај нас допрва ќе видиме.

Tajniot zivot na zivotnite 1Лиските се едни од најчестите водни птици во Македонија. Можат да се сретнат во трите котлински природни езера, како и во голем број акумулации, бари и мочуришта. Во зимските месеци формираат огромни јата кои понекогаш бројат и повеќе стотини птици. Сепак, за време на гнездечката сезона, овие птици се исклучително територијални и агресивни кон други птици кои ќе им стапнат на територијата, особено кон единки од истиот вид. Во чувањето на територијата вклучени се двата родители подеднакво.

Tajniot zivot na zivotnite 1Постојат многу видови птици кои се исклучиво моногамни, меѓутоа, веројатно најкарактеристичниот вид кој симболизира романтична љубов е црвеноклуниот лебед. Чистото бело обојување и нежниот грациозен изглед на овие птици служел како инспирација за голем број писатели, сликари и композитори да створат уметнички дела кои до ден денес се познати во светски рамки. Овие птици и во реалноста се вистнски романтичари. При загуба на партнер птиците поминуваат низ период на жалење со тоа што поминуваат големо време каде што претходно им живеел партнерот, а потоа одлетуваат и се пруклучуваат кон друго јато лебеди.

Tajniot zivot na zivotnite 1Малиот воден бик е исклучително добар ловец. Тој поседува добро специјализирани стапала кои му овозможуваат лесно да се прикачи за гранки и трски кои висат над водата од каде што го демне и лови пленот. Оваа птица ги населува трските поред големи водни тела од каде што лови, но и го гради своето гнездо. Омилен оброк на малиот воден бик се рибите, меѓутоа нема да пропушти прилика да улови и водоземци, црви, змии или инсекти. Често пати го користи остриот клун за да ја прободе рибата пред да ја изеде, но некогаш голта и живи риби. Кај нас, малиот воден бик е преселна птица и зимските месеци ги поминува во Африка.

Tajniot zivot na zivotnite 1Сината сипка е чест жител на шумите во Македонија, меѓутоа не ретко ја среќаваме и во градовите, особено во паркови и други зелени површини. Што се однесува до избор на место за правење гнездо, сините сипки се вистински шампиони. Гнездат во најралични видови дупки кои ќе им се видат соодветни: во дрвја, бандери, ѕидови, ќерамиди па дури и во поштенски сандачиња. Леглото им е големо и брои околу 7-8 млади, меѓутоа во иста дупка можат да снесат повеќе од една женка. Многу усти за хранење значи и многу работа за родителите. Секој од родителите за време на одгледувањето на младите може да носи храна во гнездото на секои 30 секунди, и тоа да го прави секој ден, цел ден. Откако ќе излетаат младите од гнездо, тие извесно време ги следат родителите кои уште ги хранат но и ги учат како да се однесуваат во дивината.

Tajniot zivot na zivotnite 1Штом се испилат од јајца, младите црноврати нуркачи веднаш се качуваат на грбовите на нивните родители и трајно го напуштаат гнездото. Оваа појава овозможува заштита на младите од разни предатори и временски непогоди, но и ја олеснува работата на родителите со тоа што не мораат постојано да пливаат до гнездото за да ги нахранат младите пилиња. Вака, младите птици ќе останат прикачени за родителите се дур не ги сменат пердувите, зајакнат и се оспособат самостојно да пливаат и ловат.

Tajniot zivot na zivotnite 1Гулабот гурмиш е мошне препознатлива и карактеристична птица за овие простори. Ги населува речиси сите шуми и поголеми паркови во државата. Се разликува од обичниот гулаб по виолетовото обојување на пердувите, белиот „ѓердан“ и белите линии на крилјата кои можат да се забележат при лет. Гулабот гурмиш е моногамна птица и гнезди со еден ист партнер се дур една птица од парот не умре. Дури кога ќе помине извесен период, преживеаната птица пополека ќе почне да бара нов партнер. Но и покрај тоа што се моногамни, мажјакот секоја сезона мора повторно да ја придобие партнерката, и во пролетниот период може да се забележи неговиот „танц“. При нивното додворување тие летаат речиси вертикално нагоре до поголема висина и потоа ги собираат крилјата, ја шират опашката се вивнуваат право надоле со спектакуларна брзина. Доколку партнерката процени дека се во добра физичка форма за одгледување млади, гнездечката сезона може да започне.

Tajniot zivot na zivotnite 1Медоносната пчела е веројатно најпрепознатливиот и најпопуларниот инсект. Но, дали доволно ги познаваме овие наши мали соседи? Уште од мала возраст не' учат дека пчелите се најкорисните опрашувачи на планетата, и дека без нивно присуство не би имало веќе живот. Овој наратив колку и да е добронамерен и корисен, сепак е погрешен. Европската медоносна пчела всушност воопшто не е европска. Таа потекнува од Азија, додека името го добила затоа што европски колонијалисти ја имаат донесено во Северна Америка. Дури и „дивите“ популации на медоносната пчела се всушност подивени домашни пчели кои започнале да се распространуваат низ природата, а при тоа да претставуваат конкуренција за автохтоните (домородните) опрашувачи. Сепак, повеќевековното одгледување на домашните пчели на овие простори придонело да локалниот биодиверзитет се прилагоди на нивното присуство. Истражувања спроведени во Велика Британија покажаа дека пчелите и еден вид на бумбар се во конкуренција затоа што нивните територии каде што се хранат се преклопуваат. За да се максимализира нивната ефикасност при хранењето, бумбарите се имаат прилагодено да летаат од цвет на цвет во раните утрински часови, додека медоносните пчели ги користат истите цветови попладне.

Tajniot zivot na zivotnite 1Доколку би постоела награда за најшарената птица во Македонија, дефинитивно треба да ја добие пчеларката. Се работи за преселни птици кои за време на летниот период, се присутни на територијата на целата држава со исклучок на високопланинските предели. Пчеларките живеат во колонии и ги градат гнездата во дупки во вертикални одрони, еродирани почви или брегови. Редовно се среќаваат како летаат во јата додека ловат но и како се одмараат во групи на нивните омилени „одморалишта“. Како што кажува и името, овие птици се хранат со пчели но и со најразлични други видови летачки инсекти како вилински коњчиња, оси, стршлени и бумбари. Пчеларките се социјални птици и често може да се забележи како си подаруваат уловени инсекти и со тоа ги зајакнуваат нивните пријателски врски.

Tajniot zivot na zivotnite 1За време на гнездечката сезона, дивата патка обично несе од 8 до 13 јајца во своето гнездо. Меѓутоа, не сите јајца успеваат и не сите млади доспеваат до полова зрелост. Сепак, женките диви патки се вистински супер херои. Откако мајката ќе ги снесе јајцата мажјакот ја напушта и се приклучува на јато мажјаци препуштајќи и ги сите родителски обврски. Во наредните 2 месеци младите постојано ќе ја следат мајката и ќе учат за живеалиштето, како и со што да се хранат но и од што да внимаваат.

Tajniot zivot na zivotnite 1Една од најчестите птици кои се среќаваат во урбаните и руралните средини се сколовранците. Гнездат буквално секаде; дупки во дрвја, пукнатини во ѕидови, расипани улични светилки, бандери, кровови. Едноставно ги има на секаде. На пролет, црцорењето на младите кои „плачат“ за храна може да се слушне насекаде низ градовите, а особено во парковите. Овие птици кои се малку поголеми од врапчиња играат важна улога во екосистемот со тоа што регулираат многу различни видови инсекти од преголемо намножување. Меѓутоа, фактот што јадат семенки и овошки прави многу луѓе да ги перцепираат како штетници. Преку ладните месеци може да се забележат како формираат огромни јата кои можат да бројат илјадници птици, и овие настани се вистински спектакл на природата.

 

Автор: Ненад Петровски, Македонско еколошко друштво
Фотографија: Велиан Јагев