Дивоизградените платформи на Матка стануваат државна енигма бидејќи иако беа поставени на почетокот на годинава се’ уште не може да се најде одговор на прашањето кој е надлежен да ги тргне овие спорни објекти. Институционалниот пинг-понг продолжува,  а нема некакви конкретни резултати од предметот што за овој случај го отвори Јавното обвинителство по барањето на Државната комисија за спречување на корупцијата кривично да се гони градоначалникот на општина Сарај, Блерим Беџети.

Dojde Nova godina ne se najde junak da gi otstrani divogradbite na Matka 1Металната конструкција на најголемата платформа

За да се увериме што се случува на терен ја посетивме Матка едно саботно претпладне. Времето беше влажно, прилично студено и тмурно, како што може да се очекува во средина на декември. Само вработените во неколкуте ресторани и по некој посетител кимнуваат со главата во знак на поздрав при разминување. Тука природата дала во изобилство - во темнозелената мирна вода која наликува на огледало беспрекорно се отсликуваат џиновските карпи кои го сечат сивото небо. Во овие тмурни денови, Матка изгледа како заробена во фотографија – звуците и движењето се реткост.

Одеднаш силна викотница ни го привлече вниманието. Група ученици или студенти, веројатно странци со два чамци се вратија од крстарењето по езерото, една од најпопуларните туристички понуди на Матка. Чамците пристигнуваат на дрвеното импровизирано пристаниште, над кое е надвисната дрвена плоча - монструм, чии метални краци се длабоко зариени во карпите. Тоа е една од трите таканаречени „урбани делови“ со кои Матка „се опреми“ во февруари годинава. Всушност, станува збор за дивоизградени платформи.  

Сликата на дрвените површини прекриени со лисја од надвиснатите дрвја и жардињерите со исушени цвеќиња покажуваат дека сопственикот ги оставил во зимски сон. Од институциите ќе зависи дали напролет на просторот што е поблиску до патеката ќе никнат маси и столчиња, што е очигледно планот на инвеститорот.

Dojde Nova godina ne se najde junak da gi otstrani divogradbite na Matka 2Поголем дел од чамците ја чекаат пролетта

Dojde Nova godina ne se najde junak da gi otstrani divogradbite na Matka 3Ретки се туристички тури во декември

Инцијативата на антикорупционерите прифатена, нема акција

По пријавата дека среде заштитеното подрачје никнуваат метално-дрвени монструми, Државната комисија за спречување корупција во август, годинава покрена иницијатива за кривично гонење на градоначалникот на Општина Сарај, која со Градот Скопје ги споделува надлежностите за управување, но таа ги издава дозволите.

Иницијативата е од седницата од 5-ти август, во која ДКСК констатира неколку прекршувања:

-градоначалникот Беџети не одговорил на барањата за легализација поднесени на 8 февруари (2019) од Амет и Џемал Саити, иако според членот 22 од Законот за локална самоуправа е должен да носи одлуки за управни спорови, да се грижи за животната средина. Наместо тоа, по предметот во Општината одлучувало лице кое немало, ниту знаење ниту надлежност;

-градоначалникот, иако имал законска обврска, не го одбил барањето за легализација на дивоградбата која е во делот на заштитено подрачје;

-градоначалникот не постапил ниту кога добил известување од Државниот градежен инспекторат за уривање на дивоградбата, ниту кога реагирала Управата за заштита на културното наследство од каде стигнало известување дека за секоја градба во заштитено подрачје треба да се има дозвола од нив.

Dojde Nova godina ne se najde junak da gi otstrani divogradbite na Matka 4

Претседателката на Антикорупциска Билјана Ивановска вели дека уште летоска од Обвинителството добиле потврда дека иницијативата е прифатена. На нашето прашање дали се постапува по инцијативата, од Јавното обвинителство  соопштија дека е отворен предмет.

„Предметот е распореден кај надлежен јавен обвинител и се постапува во насока на проверка на наводите. Јавниот обвинител веќе испрати барања за прибирање податоци до релевантни институции со цел утврдување на фактите во предметот“, велат од Јавното обвинителство.

За овој случај се обративме и до општина Сарај, Градот Скопје, Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам и Министерството за транспорт и врски. Прашањето до сите беше: до каде е постапката за случајот со платформите?

Град Скопје, односно градоначалникот Петре Шилегов, неколку пати истакна дека први алармирале за дивоградбата, но дека немаат надлежност ниту технички можности да ја урнат платформата.

„Град Скопје во овој случај ги извести сите институции за посочените недоследности кои треба да постапат и нашата ингеренција завршува тука. За наредните чекори обратете се до општина Сарај и Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам“, се вели во одговорот од Градот Скопје.

Во Инспекторатот пак, има претставка, по која е постапено, но  како што велат оттаму „во предметите кои се водат во другите органи инспекторатот не може да се вклучи, бидејќи се работи за градба од локално значење која согласно Законот за градење и Законот за постапување со бесправно изградени објекти е во надлежност на општина Сарај“.

Од општинаСарај не одговорија на нашите телефонски повици, на СМС пораките, ниту пак успеавме да добиеме каков било одговор по неофицијални канали.

Dojde Nova godina ne se najde junak da gi otstrani divogradbite na Matka 5

Антикорупциска, освен кривичната против градоначалникот, во август достави и барање до Министерството за транспорт и врски да постапи според своите ингеренции. Од Министерството  ни појаснија дека овој случај не е во нивна надлежност.

Бидејќи во јавноста е актуелен новиот закон за легализација на дивоградби, потсетуваат дека тој не се однесува на случајот со Матка, бидејќи барањето за легализација е поднесено пред 1-ви октомври (новиот закон е за градби од 1 октомври, па наваму), но и бидејќи платформите се водат како урбана опрема, а новиот закон се однесува на објекти кои се функциононална целина.

Улогата на Министерството во случајот со Матка би бил само преку Второстепената комисија на Министерството која би одлучувала во управна постапка, но дури по одлуката на Општината.

„Ако Општината ја прифати легализацијата, второстепената комисијата при Министерството по примена претставка одлучува по решението на општината, може да го прифати, а може и да го отфрли зависно од доказите“, велат од Министерството.

Но, поради затвореноста на Општината за јавноста, не е познато дали во меѓувреме има одлука за барањето за легализација.

Матка нема кој да ја заштити

Во Законот за заштита на природата, Матка е категоризирана како Споменик на природата од III категорија. Министерството за животна средина и просторно планирање се прогласи за ненадлежно да утврди одговорност за платформите, оти според Уредбата за определување на проектите и за критериумите врз основа на кои се утврдува потребата од спроведување постапка за оцена на влијание врз животната средина, тоа не е проект за кој е потребна проценка на влијанието.

Dojde Nova godina ne se najde junak da gi otstrani divogradbite na Matka 6

За ова ќе се чека новиот закон за репрогласување на Матка за заштитено подрачје со кој ќе се утврди категоријата на заштита, границите на заштитеното подрачје, зоните на заштита и кој ќе управува за заштитеното подрачје. Овој закон се подготвува неколку години. Иако имаше најави дека ќе биде донесен изминатото лето, па пролонгирано до септември, сѐ уште не е донесен. И Антикорупциската комисија во иницијативата до ЈО бара од Министерството за животна средина што побрзо да го донесе законот.

Dojde Nova godina ne se najde junak da gi otstrani divogradbite na Matka 7

Од Министерството за животна средина и просторно планирање велат дека преговорите за управувањето со Матка се во тек. Поради поделената надлежност на Градот Скопје и Општината Сарај, се бара решение оваа надлежност да ја преземе јавното претпријатие кое управува со националниот парк Јасен. Но, преговорите се тешки и се уште нема одлука.

Институционалниот лавиринт и нејасната односно поделената надлежност за Матка очигледно им одговара само на инвеститорите кои многу пати покажале дека знаат како да ја искористат неефикасноста на локалната и централната власт за да ги реализираат своите бизнис проекти, „макар“ биле и во подрачја кои поради својата ретка убавина треба да се заштитат и да останат какви што ги создала природата.

ЈО: Секоја претпоставка за каква било одлука во овој момент е шпекулација

Правниците кои ги консултиравме сметаат дека доколку Јавното обвинителство покрене постапка против градоначалникот на Сарај, самата постапка за легализација што е во тек мора да биде прекината. Од ЈО, пак, сметаат дека „секоја претпоставка за евентуални ефекти од можна јавнообвинителска одлука би била шпекулација во овој момент, со оглед на тоа што се уште не се знае каква јавнообвинителска одлука би била донесена, против кого и за кое кривично дело“.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинар: Соња Трајковска

Види повеќе за истата тема:

Антикорупционерите чекаат одговори од Сарај за дивите платформи на Матка

Беџети: Платформите на Матка нема да ги легализираме, но засега нема ни да ги урнеме

На „мала врата“ сакаат да протнат легализација на дивите платформи на Матка

Матка ја откри неспособноста на институциите

Општина Сарај го игнорира Шилегов и не ја руши дивоградбата на Матка

Mатка: Пример како не се управува со заштитено подрачје