Надлежните институции во нашата земја и воопшто македонските граѓани можат многу да научат од соседна Бугарија кога е во прашање заштитата на природните богатства и обврските што ги носи евроинтегративниот процес во однос на оваа проблематика.

Првите би биле умни ако не ги повторат грешките на бугарските власти кои поттикнати од бизнис интереси во одредени случаи одолговлекуваа со прогласување на природните убавини за заштитени подрачја, а вторите да се освестат дека само со континуиран притисок врз владејачките елити може успешно да се одбранат нашите планини, реки и езера од узурпацијата и уништувањето што ги носи алчноста за профит.

Со цел да ги пренесеме бугарските искуства во нашата земја ја искачивме планината Рила, каде неодамна по долгогодишна битка меѓу еколозите и тамошната Влада под заштита согласно европските регулативи беше ставена и последната педа од оваа убавица.

„Госпоѓо, ве молам не ги ставајте нозете во водата, мораме да го чуваме езерото чисто“, гласаше опомената на еден постар господин на бугарски јазик кон странска туристка, која сакаше да си ги излади нозете во кристално чистите води на езерото Бубрег, едното од седумте Рилски Езера.

Бугарите за себе тврдат дека негуваат култ кон планините и кон природата. Стотици километри долгите планински патеки кои водат до бројните планинарски домови се уредени и без отпадоци, а на нив ќе сретнете странци, но најмногу Бугари, цели семејства дури и со сосема мали деца на своевидно ходочастие низ планините.

Планината Рила, на која, освен светски познатите Рилски езера се наоѓаат и други туристички атракции, како што е Рилскиот манастир, ски-центарот „Боровец“ или највисокиот врв на Балканот - Мусала (2.925 мнв) припаѓа на националните паркови „Рила“ и „Рилски Манастир“. И двата се дел од „Натура 2000“, европска мрежа на заштитени подрачја создадени за да обезбедат опстанок на ранливи и загрозени видови и хабитати во Европа.

Bugarskite iskustva patokaz za spas na Mavrovo i Sar Planina 1Национален парк „Седумте рилски езрра“; Извор: авторот на текстот.

Ни евро од ЕУ без заштитени подрачја

Секоја членка на Европската унија задолжително мора да препознае, определи, заштити и континуирано одржува во состојба на заштита подрачја од својата територија, кои ја заслужуваат таа заштита било да е критериум Директивата за птици (2009/147/EC ex. 79/409/EEC), или Директивата за хабитати (92/43 / EEC).

Процесот на креирање на заштитени зони според критериумите на „Натура 2000“ во Бугарија започнал во 2002 година. Пет години пред да влезе во Европска унија, Бугарија веќе имала воспоставено 119 заштитени порачја на околу 30 проценти од својата територија. Седумнаесет години подоцна, нашиот источен сосед има воспоставено, по основ на двете директиви вкупно 340 заштитени подрачја, што претставува 34,4 проценти од територијата на државата, ставајќи ја Бугарија на високото второ место, веднаш по Словенија на листата на ЕУ членки според уделот на заштитени подрачја.

Но, и покрај се‘ што е сторено за заштита на природата, состојбите во Бугарија се далеку од идилични. Напорите на конзервационистите се во континуиран судир со интересите на крупниот капитал, по правило поврзан со власта.

Во март годинава, беше објавено дека Бугарија извршила прогласување на последните две незаштитени подрачја на планината Рила за заштитени по основ на двете директиви на ЕУ. Со тоа заврши 12 години долгата борба на бугарските еколошки здруженија со државата, која дотогаш упорно одбиваше да ги заштити долните падини на Рила, бидејќи таму била планирана изградба на нов скијачки центар наречен „Супер-Паничиште“. Европската Комисија во 2017 година ја тужеше Бугарија пред Европскиот суд, па откако го изгуби спорот, таа немаше друг избор освен да ги прогласи за заштитени.

Европската Комисија експресно се огласи дека доколку земјата членка не постапува во склад со регулативата на „Натура 2000“, може да извиси за парите од структурните фондови.

Bugarskite iskustva patokaz za spas na Mavrovo i Sar Planina 2Национален парк „Седумте рилски езрра“; Извор: авторот на текстот.

Наместо да се прогласуваат нови, ги уништуваме постоечките национални паркови

Македонија со децении стои заглавена во своевидно статус-кво наспроти декларираните заложби за следење на насоките на европската регулатива за заштита на природата и хармонизирање со ЕУ законите.

Во државава има три национални паркови - „Маврово“, „Пелистер“ и „Галичица“, региони кои добиле заштитен статус во периодот од 1948 до 1958 година и зафаќаат околу 7 проценти од вкупната територија на државата. Седумдесет години подоцна ниту една нова македонска територија го нема добиено овој статус на заштита.

Како кандидат за членка на Европската Унија, нашата земја е обврзана да го хармонизира своето законодавство со европското и во областа на заштитата на животната средина односно со директивите за птици и за хабитати од мрежата „Натура“. 

На официјалниот сајт Натура 2000 МК стои следнава напомена: „ Новата легислатива треба да се донесе пред да стане земја-членка, а подготвителната работа на назначување на подрачја е долгорочен процес и неговото иницирање е еден клучен услов за влез во ЕУ“.

Македонија почна да работи на домашните задачи зададени од ЕУ од областа на животната средина, но прашање колку од тоа што е напишано практично се спроведува.

Нашата земја во 2004 година го донесе Законот за заштита на природата. Тој предвидува во рок од шест години да се дефинира основањето на систем од заштитени подрачја со цел да се заштити биодиверзитетот во согласност со категоризацијата на Интернационалната унија за заштита на природата (IUCN).

Но, овој процес на ревалоризација и ревизија на заштитените подрачја се спроведува доста бавно. Најдобар пример за тоа е Националниот парк „Маврово“ кој девет години по законски предвидениот рок се уште не е ревалоризиран, а со тоа и формално заштитен како што налага Законот за заштита на природата. Иако заштита е предвидена и во периодот на ревалоризација, издадените концесии за изградба на хидроцентрали со мал капацитет на најчистите потоци и реки во срцето на овој национален парк јасно укажуваат на неефикасен систем за заштита и на вистинските мотиви за одолговлекувањето на овој процес.

Потоа, следуваат обврските кои произлегуваат под хармонизацијата на македонските закони и прописи со европските. Но, како што сега стојат работите, Македонија не ги изодела ниту првите чекори за приближување кон ЕУ -регулативата кога станува збор за заштита на природата.

Непоткрепени стравувања и бизнис интереси

Генералното стравување на земјите кои допрва треба да партиципираат во мрежата „Натура 2000“ е дека заштитата на природните предели ќе значи и крај на секаква економска активност на тие подрачја што во голема мерка ќе го отежне или оневозможи нормалното функционирање и животот на луѓето во тие предели.

Иако искуствата од новите земји-членки на ЕУ покажуваат дека стравувањата немаат основ (пример за тоа се и Пирин и Рила како предели под строга заштита, каде е во подем планинскиот туризам) ова би можело да го објасни зачудувачкиот факт дека најголемиот планински масив во државата - Шар Планина, предел кој по своите карактеристики и вредности заслужува, но се уште не ја ужива заштитата од државата.

Доколку биде прогласена за национален парк, на Шар Планина не би смеело да има бесправна сеча на шумите што континуирано се случува изминативе две децении. Медиумите лани објавија поразителен податок дека во периодот од 2000 до 2013 година Шара загубила околу два квадратни километри висококвалитетна букова и дабова шума што е еквивалент на просторот од скопската населба Карпош 4 до Центар.

Првиот предлог-закон за прогласување на Шар Планина за национален парк влезе во собраниска процедура во 1997 година, но не помина поради противењето на пратениците од тогашната Партија за демократски просперитет (ПДП). Оттогаш, се повторуваат репликите дека на прогласувањето „интензивно се работи“ и дека тоа „само што не се случило“. Истовремено, во хектари се мерат дивоисечените девствени шуми во пазувите на Шара, во километри новопробиените патишта, а во тони ѓубрето распослано низ планината.

Доколку планината добие статус на национален парк, Македонија би имала 12 проценти од својата територија под највисока заштита на природните предели во рамките на националното законодавство. И тое е премалку за ЕУ просекот на опфат со „Натура 2000“ кој изнесува 20 проценти од територија на земјите членки, но сепак-чекор во вистинската насока. Посебно кога се знае фактот дека Шар Планина го ужива статусот на национален парк од косовската страна уште од 1986 година.

Трендот за планирање и одобрување на инфраструктурни проекти во подрачја кои се под заштита на државата каков што е случајот со изградбата на малите хидроцентрали во зони на строга заштита во националниот парк Маврово, како и на падините на Шар Планина, за која и сегашната власт најавува дека привршува со процесот на прогласување за национален парк укажуваат на премолчана спрега на владејачките структури со инвеститорите со оправдување дека се стимулира економскиот развој.

„Со одложување на почетокот на преговорите со ЕУ постојано се поместува границата до каде ќе оди уништувањето. Сега се случува забрзано отворање на нови инфраструктурни и други градежни проекти во идните заштитени подрачја за да се фати последниот воз пред да почне скрининг-процесот“, категорична е Александра Бујаровска од невладиниот Фронт 21/42, кој заедно со екологистите од „Еко-свест“ и под притисок на меѓународната јавност се избори за забрана на два такви проекти – мрежата мали хидроцентрали Луково поле во 2015 година, финансирана од Светската банка и ХЕ Бошков Мост во 2016 и во 2017 година.

Загриженоста е оправдана ако се земе предвид дека од вкупно 22 локации за мали хидроелектрани за кои Владата издаде концесии на почетокот на 2019, дури 11 од се наоѓаат во заштитени подрачја. Само на Жировничка река, Министерството за животна средина и просторно планирање одобри три концесии за мали ХЕ – Жировница 1,2 и 3, за потоа, откако се соочи со отпор од локалното население да ја повлече едната од концесиите.

Гледајќи ги искуствата од соседна Бугарија, која многу поподготвено влезе во пристапните процеси кон ЕУ во областа на заштитата на природата и сега како земја членка нема голем избор освен да ги следи строгите начела за заштита на природата, оправдано е прашањето дали ќе останат доволно природни убавини и вредности да се заштитат кога Македонија конечно ќе влезе во ЕУ.

Новинарка: Југослава Дуковска

Текстот е продукт на Инситутот за комуникациски студии.