Националниот парк Пелистер е прогласен во 1948 година и претставува прво заштитено природно богатство во Република Македонија. Се наоѓа во југозападниот дел на Република Македонија и се протега на падините на Баба Планина. Зафаќа површина од 17.150 хектари. Највисок врв е врвот Пелистер-2.601 m н.в. кој е и трет највисок планински врв во Република Македонија. Геолошкиот состав на оваа планина е разновиден од палеозојски шкрилести карпи (серија на кварц-серицитски и зелени шкрилци и филитоидна серија), гранитоидни карпи со палеозојска старост, тријаски формации (габрови, дијабази, долерити), па се до најмладите мирмекитски гранити. Растителниот свет на Пелистер е мошне разнообразен, па оттаму и неговото специфично ботаничко значење.

Релјефот на планината Баба е разновиден. На височина од 1.660 до 1.900 m се наоѓаат зарамнети делови, расчленети со повеќе паралелни долини. Карактеристичен релјефен облик на Пелистер се камените реки кои се протегаат на височина од 1.300 до 2.000 m н.в. и се најизрасени на северната страна на возвишениоето Црвени Стени и на местоста Копанки.

Исто така, масивот на Баба е најјужниот дел на Родопскиот планински систем со алпски карактер, односно за време на плеистоценот на високите делови на Баба се наоѓале глечери кои со помош на глацијацијалната ерозија ги создале денешните глацијални релјефни форми на оваа планина.

  • Nacionalniot-park-Pelister-i-negoviot-biser-Golemo-Ezero-1
  • Nacionalniot-park-Pelister-i-negoviot-biser-Golemo-Ezero-2
  • Nacionalniot-park-Pelister-i-negoviot-biser-Golemo-Ezero-3
  • Nacionalniot-park-Pelister-i-negoviot-biser-Golemo-Ezero-4
  • Nacionalniot-park-Pelister-i-negoviot-biser-Golemo-Ezero-5
  • Nacionalniot-park-Pelister-i-negoviot-biser-Golemo-Ezero-6
  • Nacionalniot-park-Pelister-i-negoviot-biser-Golemo-Ezero-1
  • Nacionalniot-park-Pelister-i-negoviot-biser-Golemo-Ezero-2
  • Nacionalniot-park-Pelister-i-negoviot-biser-Golemo-Ezero-3
  • Nacionalniot-park-Pelister-i-negoviot-biser-Golemo-Ezero-4
  • Nacionalniot-park-Pelister-i-negoviot-biser-Golemo-Ezero-5
  • Nacionalniot-park-Pelister-i-negoviot-biser-Golemo-Ezero-6

Глацијалната ерозија всушност претставува геоморфолошки процес на создавање релјефни форми со механичкото дејство што го вршат глечерите со движење на својата маса преку Земјината површина. Па така мразните маси на на високите планини движејќи се преку топографската површина градат посебни форми кои се издвојуваат како глацијални форми.

Од глацијалните форми, на ова подрачје застапени се циркови кои претстаавуваат широки вдлабнатини во форма на амфитеатар, кои од една страна се отворени кон падината на планината и морени кои се камени остатоци од глечерските наслаги. Цирковите ги има на надморска височина над 2000 m а два од нив се исполнети со вода од снежни врнежи и дожд кои всушност претставуваат глацијални езера чии басени се преградени со морени. Познати се под името “Пелистерски очи” или Големо и Мало езеро.

Големото Пелистерско Езеро спаѓа во рамките на Националниот парк Пелистер и е постглацијално езеро на 2.218 m н.в. кое се наоѓа во изворишниот дел на Езерска Река која е лева притока на реката Сапунчица, источно од врвот Вртешка.Настанато е со заемно дејство на ерозивните и акумулативните глацијални процеси во самиот негов цирк кој од јужната и источната страна е заграден со моренски бедем со должина од 320 m. Неговата вкупна површина зафаќа 42.000 m2, а најголемата длабочина при највисокиот водостој изнесува 17,2 m што и претставува најдлабоко планинско езеро во Република Македонија. До езерото води добро обележана планинарска патека со почеток од с.Нижеполе кај месноста Лак Поток и ски-лифтот, преку пределот Дебел Рид, а исто така може да се стигне пеш или со теренско возило од хотелот „Молика“ преку месноста Јоргов Камен и Малото Пелистерско Езеро. Од планинарскиот дом крај Големото Пелистерско Езеро започнува и води директна добро обележана планинарска патека кон селото Брајчино во Преспа.

Голема закана во иднина за Големо езеро може да претставува зголемената активност и искористување на езерото од страна на посетителите. Треба да се размисли и вложи во поставување на едукативни табли со совети за заштита на природата како и корпи за отпад со кои би се ограничило негативното влијание на посетителите.

Линк од видео со дрон за Пелистер

https://www.facebook.com/izsg.prirodnik/videos/353261052289444/

Подготвиле:

Александар Стојаноски, ИЗСГ Природник при ПМФ Скопје

Андреа Алексоска, ИЗСГ Природник при ПМФ Скопје

Литература: