Источниот дел на Македонија претставува вистинска ризница на предели и пејсажи. Но, за жал до денес многу локалитети во овој дел на државата остануваат не толку познати и искористени од јавноста. Така е и со езерото Калиманци, неискористениот бисер на истокот.

Езерото Калиманци е вештачка акумулација на реката Брегалница во Очипалско - Истибањската Клисура и претставува најголемо езеро во овој дел на државата. Езерото е долго 14 km, широко 0.3 km, а максималната длабочина достигнува до 80 m. Негова главна карактеристика е неговата разгранетост, што формира долга брегова линија со многу заливи и мали полуострови.
Калиманското Езеро настанало со преградување на долината на Брегалница преку изградба на брана во 1969 година. Браната е камено-насипна со глинено јадро, висока 92 m (меѓу највисоките во нашата држава), а долга 240 m. Основната намена на езерото е наводнување на површините под ориз во Кочанската Котлина, но и на дел од обработливите површини во Овче Поле. Вишокот вода се користи за производство на електрична енергија преку изградената мала хидроцентрала.  

Калиманското езеро е попознато помеѓу рекреативните риболовци кои често го посетуваат поради богатиот рибен фонд. Во водите на акумулацијата Калиманци, ихтиофауната е составена од поголем број видови риби, меѓу кои: крап (Ciprinus цaprio), сом (Silurus glanis), црвеноперка (Rutilus rutilus), костреш (Perca fluviatillis), клен (Leiuciscus цephalus), скобуст (Chondrostoma nasus), сончарка (Lepomis gibbosus), лињак (Tinca тinca). Природните мрестилишта на крапот, кленот, скобустот и црвеноперката се наоѓаат, пред сè, на благите терени во средишниот дел на акумулацијата Калиманци. Природните мрестилишта на сомот се наоѓаат најмногу во горниот дел на акумулацијата, на почетокот на формирањето.

  • Kalimansko-ezero-neiskoristeniot-biser-na-istokot-1
  • Kalimansko-ezero-neiskoristeniot-biser-na-istokot-2
  • Kalimansko-ezero-neiskoristeniot-biser-na-istokot-3
  • Kalimansko-ezero-neiskoristeniot-biser-na-istokot-4
  • Kalimansko-ezero-neiskoristeniot-biser-na-istokot-5
  • Kalimansko-ezero-neiskoristeniot-biser-na-istokot-6
  • Kalimansko-ezero-neiskoristeniot-biser-na-istokot-7
  • Kalimansko-ezero-neiskoristeniot-biser-na-istokot-1
  • Kalimansko-ezero-neiskoristeniot-biser-na-istokot-2
  • Kalimansko-ezero-neiskoristeniot-biser-na-istokot-3
  • Kalimansko-ezero-neiskoristeniot-biser-na-istokot-4
  • Kalimansko-ezero-neiskoristeniot-biser-na-istokot-5
  • Kalimansko-ezero-neiskoristeniot-biser-na-istokot-6
  • Kalimansko-ezero-neiskoristeniot-biser-na-istokot-7

Интересно за Калиманското езеро е што во некои делови од годинита на него се формира езерски остров позната како Калата. Инаку Калата е единствениот остров во Калиманското Езеро и воопшто во источниот дел на Македонија. Се наоѓа во централниот дел на езерото, на почетокот од заливот вовлечен кон Македонска Каменица. Тоа е единствен остров во источниот дел на Македонија, иако повремено кај с. Тодоровци се појавува сосема мало островче со површина од 0,2 хектари.

Денес, ваквите акумулации освен техничко – земјоделски улоги имаат и треба да имаат и рекреативна улога. За жал, бреговите и плажите на езерото се слабо уредени или ги нема. Иако низ едел дел од езерото точно по неговата линија се движи магистралниот пат кон Делчево, сепак постојат малку или тешко достапни исклучувања од патот кон езерото. Постојат само неколку мали информативни табли за езерото по пат. Не постои трасирана пешачка или велосипедска патека по бреговите на езерото што уште повеќе би ја зголемило туристичката понуда, не само на езерото туку и на целиот регион.

Источниот дел на Македонија има исклучително висок потенцијал за алтернативен туризам, кој освен што помага на локалната економија, тој влијае и на запознавањето на природата и природните вредности и повикува на нивна заштита.

Литература:

https://elektrani.mk/Production-capacities/HPP-Kalimanci.aspx

http://www.ribar.com.mk/index.php/ezera/item/590-kalimanci

http://www.osogovo.mk/Lakes/Kalimanci_mk

https://www.igeografija.mk/Portal/?p=5290

http://bregalnica-ncp.mk/wp-content/uploads/2016/07/Studija_Turizam_vo_IPR_MK-1.pdf