Подрачјето на Македонија изобилува со најразлични природни и културни реткости кои за многу луѓе останале непознати, непромовирани и воедно и незаштитени. Еден од таквите локалитети, поточно локалитетот Камени топки и камени чинии се наоѓа во близина на селото Уланци. Селото е рамничарско ( на надморска височина од 120 метри ) и  се наоѓа во рамките на општина Градско, на левиот брег на реката Вардар.

Kameni cinii i topki Ulanci 1Позиција на село Уланци во општина Градско (извор: Википедија)

Локалитетот Камени топки и камени чинии се наоѓа источно-североисточно од селото Уланци. Камените топки се наоѓаат непосредно на исток од селото, додека камените чинии се сретнуваат во слабо еродиран дол, североисточно од селото Уланци на возвишението Рид (196м) од 160-170 м надморска височина. Највисокиот дел од палеогеното флишно земјиште кај Уланци го сочинува зарамнетото возвишение Рид (196 м) над селото. Геолошкиот состав на возвишението Рид (196 м) е составен од дебел слој од кварцен чакал во кој покрај чакалот се наоѓа и гнајс, амфиболитски гнајс, амфиболити, габро и други карпи.

На југоисточната страна на плочестиот Рид над селскиот пат кој води низ Вардар во палеогените флишни серии преовладуваат сиви ситни песочници, а наместо глинците овде почесто се среќаваат лапорците. Во најизменична серија на овие слоеви, типична е појавата на песочните топки што со својата натрупаност на долинската страна овозможуваат таков необичен изглед. Притоа нивниот облик им дава изглед на топчести ерозивни и денудациони блокови, всушност тоа била нивната примарна форма. Тоа се вистински песочни-лапорести форми составени од палеогено флишна серија кои со еродирање и денудација на поситните слоеви заостануваат зад овие како отпорни карпести топки (Радовановиќ,1937).

  • Kameni-cinii-i-topki-Ulanci-2
  • Kameni-cinii-i-topki-Ulanci-3
  • Kameni-cinii-i-topki-Ulanci-4
  • Kameni-cinii-i-topki-Ulanci-2
  • Kameni-cinii-i-topki-Ulanci-3
  • Kameni-cinii-i-topki-Ulanci-4

Овие песочни топчести форми не се меѓусебно подеднакви ниту по облик, ниту по големина. Ги има потполно топчести, но уште повеќе јајчести, а има и такви кои преминуваат во облик на повеќе или помалку нараснат леб. Притоа, топчестите песочни форми се со пречник од 10 см, некои се со 30 см, но ги има и такви со пречник од 50 см. Во оваа долинска страна биле чести процесите на повеќегодишната денудација и ерозија и како резултат на тоа значително повеќе еродирале песочниците, лапорците и неврзаниот песок, а песочните лапорести форми останале разоткриени во вид на песочни топки и песочни чинии бидејќи биле поцврсти и поотпорни на ерозијата и денудацијата за разлика од соседните карпи. Во зависност од нивната текстура овие песочесто-лапорести форми со чиниест облик при излачувањето од лежиштата, како и при понатамошните распаѓања ја добиваат нивната сфероидна топчеста форма. На тој начин се издвојуваат од флишните карпести маси, а како резултат на тоа постепено исчезнуваат.

Интересно за овие песочно-лапорести форми во вид на чинии е нивната распуканост север-југ исток-запад со незначително скршнување за 10 ̊ кон североисток на основната пукнатина. При теренски истражувања се забележани околу 50 вакви форми, а при нивно мерење  се измерени такви кои имаат дијаметар од 70-75 см како и 100-102 см. Меѓу песочните топки има такви коишто се новооткриени и кои сè уште се многу цврсти, но има и такви кои подлегнуваат на деструкцијата на земјиштето и се уништуваат за да се појават нови на нивното место, а со процесот на денудација да бидат откриени.

Голема закана за камените топки и камените чинии е трасираниот земјен селски пат што поминува непосредно до нив, а со тоа ги уништува појавите. Локалитетот треба да се заштити на самото место на појавување in situ или одвоени од него- ex situ, односно да се изложат примери во музеи или факултетски збирки.

Подготвиле:

Александар Стојаноски, ИЗСГ Природник при ПМФ Скопје
м-р Анита Тодорова, ИЗСГ Природник при ПМФ Скопје

Користена литература:

  1. Радовановиђ С.В. (1937); Пешчарске кугле код Уланаца; Гласник Скопског Научног Друштва књ. XVII; Скопље
  2. Извештај од теренска активност на еднодневна истражувачка акција „Градско - Уланци“, ИДСБ 2019