Катлановскиот предел е едно од најзначајните заштитени подрачја кои се наоѓаат во близина на Скопје. Со Секторската студија за заштита на природното наследство (1999) изготвена за потребите на Просторниот План на РМ (2004), овој предел е евидентиран како заштитено подрачје од III категорија, односно претставува споменик на природата. На меѓународно ниво Катлановскиот предел е идентификуван како значајно растително станиште (2004).

Поради големото биолошко и геолошко значење, Катланово беше домаќин на овогодинешниот Гео Викенд 2019, кој се одржа од 08 до 10 март во организација на Истражувачко здружение на студенти географи "Природник" - EGEA Skopje. Ова студентско друштво има за цел да ја издигне географијата како наука и да ги вклучи студентите географи во осознавање на нови работи. Целта на Гео Викенд 2019 беше запознавање на студентите со формите и методите на теренските истражувања, запознавање на заштитеното подрачје, утврдување на планинарските патики низ и околу подрачјето, како и мапирање и трасирање на нови патеки за движење низ Катлановскиот предел. Програмата на кампот беше составена од два дела: теренски истражува и теоретска настава околу можностите за туристички посети на подрачјето, како и запознавање со методите за работа.

Кампот на ова гео истражување беше сместен во извидничкиот дом „Јадран“ во селото Катлановска Брезица кое се наоѓа во средишниот дел на подрачјето. До селото води тесен и стар кој води од клучката на автопатот кај село Катланово, преку мостот на р. Пчиња. Селото е речиси напуштено. Од Брезица до викенд населбата Катланово и понатаму до селото Катланово водат неколку козји патеки и една планинарска. Една од целите на кампот беше токму да се утврди состојбата на патеката која води од селото до Катлановска Бања. Патеката минува под ридовите Стрчка и Висока Ричка и преку потокот Дери Дол се искачува на Зеленички Рид се пристигнува до првиот ред куќи на викенд населбата Катланово. Патеката е слабо маркирана со планинарски ознаки, на делови и обрасната со вегетација и не е често користена. По пат се забележуваа знаци од дива сеча на дрвја,а како и кабаст отпад. Планинарски патеки се од големо значење, бидејќи водат низ целото подрачје и овозможуваат негова посета, истражување, мониторирање. На неколку места низ патеката се отвара погледот кон Скопската котлина, течението на Пчиња како и автопатот Е – 75.

Горниот влез во викенд населбата не остава впечаток на заштитено подрачје. На тесните и калливи улици се забележува отпад, а најголемиот дел од куќите се запуштени и дворовите им се неуредни. Патеката продолжува и води до црквата св. Недела во Катлановска Бања каде има панорамски поглед кон Катлановскиот Рид и течението на Пчиња. Повторно насекаде се среќава отпад и шут. Сето ова влијае на посетеноста на подрачјето и неговата промоција. На враќање се поминува низ патеката која води преку мостот на Пчиња и пред клучката за селото Градманци, се движи покрај автопатот Е-75 и преку пешачкиот тунел се приклучува кон патеката за селото Брезница.

Со новите промени на Мрежата за заштитени подрачја во Македонија, Катлановскиот предел како подрачје ќе се намали и ќе го промени своето име во Долна Пчиња. Ова се должи на тоа што големи делови од подрачјето се урбанизирани или ги загубиле природните вредности.

Во вториот дел од гео кампот, студентите дискутираа околу можноста на ваквите подрачја во Македонија и нивните туристички потенцијали. Се приготвуваа планови за понатамошни активности и истражување. Освен тоа, учесниците имаа и кратка обука за однесување во природа како и краток курс за прва помош при работа на терен.

Истражувачко здружение на студенти географи постови веќе 15 години и активно работи на едукацијата на студентите географи, но и на општата јавност.